Златен, 115 години стар часовник од марката „Патек Филип“ бил продаден на аукција во Њујорк за 2,25 милиони долари, соопштила аукциската куќа Кристи. Луксузниот часовник од 18-каратно злато, со механизам кој поседувал компликации од вечниот календар и приказ на месечевите мени, кој познатиот швајцарски часовничар го направил во 1898 година, првобитно бил проценет на 1,5 милиони долари, но цената брзо му скокнала кога 30 лица почнале жестоко да лицитираат.
Во Кристи навеле дека купувач на часовникот бил приватен колекционер од САД. Минатиот ноември, еден колекционер од Азија купил часовник од истата марка со куќиште од платина, кој му припаѓал на музичарот Ерик Клептон, за 3,6 милиони долари. Часовник од истата марка, збогатен со повеќе функции, бил продаден за 11 милиони долари.