На Свечената седница во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше соопштено дека Чарлс Симиќ поет од САД е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година.

Во одлуката за наградата Советот за доделување на наградата и Управниот одбор се истакнува дека станува збор за еден оригинален поетски глас, кој во почетокот преку едно надреалистичко искуство постепено еволуира во карактеристичен забележувач на современието со изразени морални и филозофски прашања, исклучително јасен, сериозен но истовремено и забавен. Тој е поет кој создава во „духот на мрачната имагинација и ироничниот хумор“, ќе речат неговите критичари и прослдувачи и ќе додадат дека „многу е тешко да се опише, а тоа му е и едно големо признание. Делови од неговата поезија ги забележувате во соништата и заради тоа нивната реалност не комуницира со стварноста која ја гледаме со наши очи и уши“.

Роден е во Белград во 1938 година, во тогашна кралска Југославија. Toj е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти. Со семејството се сели во САД во 1953 година. Поезија започнал да пишува уште во средно училиште; на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети: Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс… Неговата прва стихозбирка Што вели тревата (1967) е одлично примена од страна на критиката која со право забележува дека авторот е свртен многу повеќе кон руралното и кон Европа, отколку кон својата нова татковина. 

Како преведувач е особено значаен за популаризација на поезијата на значајни поети од јужнословенските земји. На англиски ги превел книгите поезија од: Васко Попа, Иван В. Лалиќ, Љубомир Симовиќ, Милорад Павиќ, Бранко Миљковиќ, Новица Тадиќ, Радмила Лазиќ, како и три антологии на модерна српска поезија, Славко Михалиќ од Хрватска, Томаж Шаламун од Словенија. На англиски јазик препеал и една збирка песни од Славко Јаневски (2002).

Од 1973 година е професор на Универзитетот во Њу Хемпшир, каде предавал американска книжевност и креативно пишување. Постојан критичар е на New York Review of books. Живее во Стафорд, Њу Хемпшир.

Член е на Американската академија за уметност и книжевност од 1995 година.

Годинешниот лауреат на наградата „Златен венец“ Чарлс Симиќ е награден за својот обемен опус во кој ингениозно го развива мајсторството на поетската слика во обработката на идеите за војната, историјата, индивидуализмот. Струшките вечери на поезијата доделувајќи му го ова престижно признание додаваат уште еден жив класик на современата светска поезија на грандиозната листа на добитници.

OhridNews