Веќе е познато дека Чарли Шин се бори со низа проблеми, вклучувајќи го и вирусот ХИВ, а сега откри и дека му е дијагностицирана уште една болест. За време на гостувањето во телевизиското шоу „Др. Оз“, актерот за дел од своите проблеми поради кои дојде под лупа на јавноста го обвини биполарното пореметување. Призна дека доволно луѓе му го дијагностицирале тоа пореметување, така да во одредени моменти знаел дека мора да обрати внимание на тој проблем. Исто така призна дека моментално не зема никакви лекови, но и дека ќе размисли за тоа.
Др. Оз ја пофали искреноста и отвореноста на актерот, бидејќи смета дека тоа на многумина кои патат од биполарно пореметување ќе им даде надеж. Биполарното пореметување се манифестира со нагли промени на расположението кои варираат од мании до депресии. Се препорачува терапија со лекови, но Шин засега сите свои напори ги насочува кон ХИВ вирусот. Тој е оптимист и вели дека доколку некој може да се бори со тоа и да открие лек, тогаш тоа е токму тој. Додава дека ќе ги исцрпи сите ресурси кои му се достапни и дека ќе разговара со секој експерт. Заклучува дека болеста избрала погрешна личност.