Етно групата „Чалгија саунд систем“ ќе одржи концерт во Охрид во рамки на вториот циклус на културни настани, кои се дел овогодишената манифестација „Топол културен бран“ што ја организира Министерството за култура. Според програмата, овој концерт ќе треба да се одржи во периодот од 20-ти до 31-ви август 2014 година.

„Чалгија саунд систем“ е состав формиран во 2008 година и во него членуваат Добрила Грашеска – вокал, Александра Кузман – виолина, Бошко Мангаровски – канун, Филип Крстевски – дајре и тарабука и Дориан Јовановиќ на ут. Нивната идеја при формирањето на оваа група била да посегнат по старата македонска чалгиска традиција, при тоа создавајќи свои авторски композиции во тој дух.

Во рамки на седмото издание на манифестацијата „Топол културен бран“ на територијата на цела Македонија ќе може да се проследат повеќе од 160 културни настани. Оваа манифестација за првпат е воведена во 2008 година, а во нејзини рамки до сега биле организирани  повеќе од 600 културни настани.

OhridNews