Вкупната вредност на досега склучените договори за јавни набавки преку итната постапка со преговарање без објавување оглас изнесува 413 милиони денари или 6,7 милиони евра. Ова го покажуваат истражувањето и базата на податоци на договорите за јавни набавки поврзани со коронавирусот преку итната постапка со преговарање без објавување оглас, што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Од март до август годинава се склучени вкупно 447 договори за итни набавки, а вакви итни набавки имале 97 државни институции. Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило 13 договори во вкупна вредност од 2,2 милиони евра, што е дури една третина од вредноста на договорите на сите други институции заедно.
Пет институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот (март – август 2020 година), според објавените известувања за склучените договори
Речиси половина од парите им припаднале само на пет фирми, иако тендери добиле 186 фирми
Тендери добиле вкупно 186 фирми, но 43 % од вредноста на сите договори им припаѓа само на пет фирми. Прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс“, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Следни, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек“ и „Соникс Анастасија“, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид“ и кавадаречката „Лиса-Ком МС“.
Пет фирми со најголема вредност на договори поврзани со коронавирусот
Постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици
Големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери, покажува истражувањето на ЦГК. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска.
Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер.
И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.
Две јавни здравствени установи во Охрид извршиле итна набавка на заштитна опрема
Во анализираниот период, итни набавки на опрема за заштита од Ковид 19 спровеле две здравствени установи во Охрид. Според податоците објавени во истражувањето на ЦГК, во месец мај ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид извршил набавка на стока – разни средства и облека за лична заштита на вработените во услови на пандемија и вонредна состојба за вирусот Ковид 19 во постапка со преговарање без претходно објавување оглас, во вредност од 1.085.600 денари, додека ЈЗУ Општа болница во Охрид набавила зштитна медицинска опрема за медицински персонал директно изложен на Ковид 19, исто така во постаспка со преговарање без претходно објавен оглас, во вредност од 2.179.460 денари. Вакви итни постапки имаат спроведено сите здравствени установи во земјата директно вклучени во битката со Ковид 19.
Дури две третини од склучените договори за итните набавки се објавени по законскиот рок од десет дена
Истражувањето на ЦГК покажува дека за 68 % од склучените договори институциите директно го прекршиле Законот за јавни набавки, којшто ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори, заедно со примерок од договорите, во рок од десет дена од нивното склучување. Значаен дел од институциите не ги наведуваат во договорите ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерите.
Третина од итните набавки биле само со една понуда
На 30 % од итните набавки се преговарало само со една фирма. Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда. Во 10 % од известувањата за склучен договор, договорните органи го промениле првобитно објавениот број на понудувачи од 1 во 2 и повеќе, при промената на известувањата што од нив ја побара Владата, за да додадат дека станува збор за набавки поврзани со КОВИД-19.
Дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите. Во дел од договорите непрецизно се опишани стоките што се набавуваат, на пример, дали станува збор за респираторни или заштитни маски, или скафандери за една или за повеќекратна употреба итн., што остава простор да се наплати цената за поскапиот од овие производи, а да се испорача поевтиниот. Исто така, нема јавно објавени информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици. За овие набавки беа донесени две посебни владини уредби за интервентни набавки – едната за маски (во март 2020), а другата за ракавици (во април 2020). Досега нема информација за нивниот епилог, на што е укажувано и во претходните три извештаи, велат од ЦГК.
Иако најмногу договори за итни набавки за заштита од коронавирусот се склучени во април, сепак, според вредноста – најскапите договори се склучени на самиот почеток од кризата, односно во март 2020 година. Се забележуваат два брана на набавки, од кои едниот кулминира во април, а другиот кулминира во јули.
Број и вредност на итните набавки за КОВИД-19 (месечен приказ)
За разлика од почетокот на кризата, кога речиси половина од набавките беа само со еден понудувач, по постојаните апели и укажувања институциите почнаа да вклучуваат повеќе понудувачи во преговорите. Исто така, институциите ги применуваа и препораките за навремено објавување на склучените договори и за разлика од почетните 19 %, до крајот дури 75 % од договорите беа објавени навремено. Сепак, останатите 25 % од договорите се објавени по законскиот рок од 10 дена по склучувањето на договорот.
Имајќи предвид дека кризата со коронавирусот трае веќе шест месеци и е извесно дека таа ќе продолжи и во наредниот период, јавните набавки поврзани со заштита од коронавирусот треба да се спроведуваат со примена на редовните постапки, наместо по пат на итни набавки со преговарање, заклучува во извештајот ЦГК. За да се зголеми конкуренцијата и да се постигнат пониски цени и повисок квалитет на набавките, институциите коишто и натаму ќе ја применуваат постапката со преговарање без објавување оглас, се препорачува да настојуваат во преговорите да вклучуваат што е можно повеќе фирми, но и да го подобрат планирањето на набавките поврзани со коронавирусот, односно институциите да спроведуваат истражување и анализа на пазарот имајќи предвид дека досега се спроведени доволен број набавки што можат да послужат за оваа намена.
OhridNews