Коцкањето се среќава во повеќе форми и различни култури. Се препознава социјално, професионално и патолошко коцкање. Социјалното коцкање се прифаќа како забава и рекреација, од друга страна професионалното коцкање е работа со која се занимаваат обучени лица, а трета форма е коцкање како зависност која доведува до целосно нарушување на личноста, за што многу малку се зборува. Зависност кон која речиси секогаш пристапот е наивен, а неретко нема среќен крај. Само во текот на изминатата година биле случени две самоубиства за кои директна причина е коцкањето.

„Не губиш пари со коцкањето, го губиш животот“, вели Мирче Крстески кој како поранешен зависник од коцкање сега формира „Здружение за едукација и превенција од хазардни игри КВО ВАДИС 021“ кое делува под мотото: „Коцкањето е проблем за целото семејство“. Здружението има за цел да им помогне и да ги едуцира пред се младите лица за опасноста од овој порок.

Започнав со коцкањето во 1991 година, работев како шанкер, со колега одлучивме да пробаме со мала сума на пари, 50 денари, и подобро да не го сторевме тоа, порокот траеше до скоро.  Коцкањето предизвикува страшни трауми до степен на помисла на самоубиство, бидејќи така мислиш дека ќе ги спасиш луѓето околу себе, ја раскажа Крстески својата приказна со цел да служи како пример.

Крстески вели дека коцкањето остава трауми и последици и едноставно го уништува животот од корен. Кон овој порок за жал пристапуваат се поголем број на луѓе, додава тој. Претежно се навлекуваат тинејџерите кои започнуваат на 13-14 годишна возраст и токму затоа се формира ова здружение, потенцира Крстески.

 

Сакаме  проблемот да се реши низ системот на државата. Треба да се делува превентивно, на пример пред самиот влез на казината и обложувалниците да се  делат едукативни флаери за запознавање со овој порок. Ќе бараме на прва страна од билтен во кладилница да има предупредување во кое ќе стои што се може да предизвика коцкањето, да се запознаат луѓето дека како што има штетност од дрога, цигари, алкохол, дека исто така и коцкањето спаѓа во тие болести и од најмала возраст да се делува превентивно и кај децата, додава Крстески.

Од Здружението побараа од Локалната самоуправа да им обезбедат просторија и телефонска линија, која ќе служи за семејството на коцкарот кога ќе западне во такви тешки ситуации, да може да пријави, и  да се делува превентивно да не настане некој проблем

Според адвокатот Љупчо Наумовски, неопходна е измена на Предлог-законот за игри на среќа, кој моментално е во собраниска процедура. Од Здружението ќе бараат да се направи Регистар на патолошки коцкари и на тој начин да се спречи влез во такви објекти, а тоа да биде на доброволна основа, а за нивната доброволност и за изјавата да бидат запознаени објектите за игри на среќа (обложувалници, казина и сл.) и да не им дозволуваат влез на овие лица, во спротивно да бидат санкционирани.

Со сегашниот Предлог- закон и измени на Законот за игри на среќа и забавни игри и автомати се предлага само дислокација на објектите кои имаат лиценца за ваков вид на дејност на одалеченост од образовните институции. Тоа по наше мислење е премалку бидејќи треба да се спречи патолошкото коцкање, а не коцкањето од забава, ако може да се донесе законско решение да се даде изјава со која играчниците ќе бидат запознаени дека одредено лице е патолошки коцкар и дека не смеат да му овозможат да пристапи, тогаш ќе спасиме живот, бидејќи коцкањето е болест, вели Наумовски.

Крсте Пурцов кој е член на здружението вели дека многу луѓе кои го имаат овој порок не кажуваат за порокот, а во многу случаи се дознава за истиот кога е предоцна.

Сакам да апелирам до сите јавно што се засегнати од овој проблем, познаваат некој или пак имаат член од семејството што се бори со вакви пороци да побараат помош од надлежните институции, да пробаат да интервенираат на почетокот на овој порок. Целта на оваа организација е да се намалат патолошките коцкари. Овие луѓе доаѓаат до степен да крадат, да станат измамници се со цел да дојдат до финансии за коцкање. Премногу е лесен пристапот на коцкање во државава. Главна цел е, ако не може да се укине целосно обложувањето барем да се регулира на некој начин,  – истакнува Пурцов

Како што информираа од Здружението за едукација и превенција од хазардни болести КВО Вадис 021, во Охрид има моментално над 50 објекти за игри на среќа (обложувалници, казина и слично), и сите се во центарот на градот каде се подостапни, а како што велат, најавена е изградба и на нови.

К.А.