Драстично поскапување на храната, во некои сектори и 40 – 50 отсто, најавуваат преработувачите. Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, со оглед на светските трендови поскапувања секако ќе има, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесат. Комората ќе предложи повторно да се активира кампањата за купување домашни производи.
Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 – 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас се уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен. Комотни се и големите синџири на маркети, но на крајот ќе мора да реагираат, истакна Васко Ристовски од Комората.
Домашните компании од преработувачката индустрија, потенцира, се соочуваат со зголемување на цените на суровините. На фармерите основните производни трошоци им се зголемени за 70 – 80 проценти, поскапени се и фолиите, енергенсите. За 10 – 11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија, а од друга страна и фармерите притискаат. Слична е ситуацијата и во месната индустрија. Сите се залагаат за плаќање по квалитет, но засега ваквата трансформација оди бавно.
Клучните прехранбени производи, како што се житарките и маслодајните семиња, драстично поскапеа, така што нивните цени во РС Македонија во моментов се повисоки за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед на тоа што житариците и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни зголемувања на цените на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните, додава Ристовски.
Општ впечаток е дека агросекторот изминатите децении е во втор план. Субвенциите растат, но треба да се измени методологијата за нивно давање. Наместо по површина, да се даваат по класи, односно квалитет и предадено на домашни откупувачи. Во спротивно, многу лесно ќе дојдеме наскоро во ситуација кога ќе немаме домашно производство и целосно ќе зависиме од увоз на храна, истакнуваат домашните преработувачи, предупредија од Стопанската комора.
OhridNews