Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, денеска, 25 ноември, во Скопје во МКЦ во 19 часот ќе одржи целовечерн концерт под мотото „70 години организиран фолклор во Вевчани“.

На концертот ќе биде прикажан документарен филм кој со архивски снимки и слики ќе сведочи за оваа долга и континуирана традиција на организиран фолклор во Вевчани од првиот настап на 11-октомвриските свечености во Скопје во 1947 година до ден денес. Во другиот дел на програмата ќе настапи пејачката група „Каданка“ со изворни песни од ЦД-то „Долетало лично пиле“, кое Дримкол во чест на јубилејот го промовираше оваа година.

Фолклорниот ансамбал на Дримкол на сцената на МКЦ ќе ја прикаже орската традиција на Вевчани, на Струшко поле и на Власите од Горна Белица , Струшко.

Во Скопје скоро секоја година одржуваме по еден наш целовечерен концерт. Тоа го правиме заради наши вевчанци што живеат тука, но, и заради наши пријатели, соработници, поддржувачи кој редовно ја следат нашата работа. Со таквите концерти успеавме низ годиниве да создадеме наша верна публика во Скопје пред која секогаш ни е задоволство да настапуваме. Повод за овој концерт во Скопје, оваа година е јубилејот „70 години организиран фолклор во Вевчани“, со кој концерт ги заокружуваме сите свечености поврзани со јубилејот. Фолклорот и традицијата во Вевчани се многу постари, датираат уште од настанокот на Вевчани, Вевчанскиот карневал е пример за тоа, но, ние одбележуваме организирана форма на фолклор кој некогаш организирано во играорна група, а денес преку КУД „Дримкол“ се негува, презентира и промовира низ годиниве во земјава и странство… истакна Јасмина Бебекоска од одделението за протокол и односи со јавност на КУД „Дримкол“ од Вевчани.

КУД “Дримкол“ до сега во Скопје има реализирано концерти во Универзална сала, во МНТ стар и нов објкет, а оваа година, поради концептот на програмата и видео презентациите, концертот ќе се одржи во МКЦ-сала фросина поради интимноста на салата и блискоста со публиката. Поради интересот за концертот, од КУД „Дримкол“ најавува уште еден концерт до крај на годината.

OhridNews