Интензивирана е комуникацијата со локалните самоуправи и со раководствата на училиштата пред стартот на новата учебна година, со цел сите да бидеме добро подготвени и повторно да ја вратиме наставата во училница, каде што впрочем има и најголем ефект, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на ОУ „Никола Карев“ во Пробиштип со цел увид во условите кои ги обезбеди училиштето за прием на ученици и настава со физичко присуство.
Пандемијата трае, но не смееме да си дозволиме училиштата да бидат затворени на првиот ден од учебната година. Препораката на УНИЦЕФ па и на сите други организации кои работат на заштита и унапредување на правата на децата е јасна, тие треба први да се отворат, а последни да се затворат. Затоа што нема подобра опција за учениците од настава со физичко присуство, рече Царовска.
Министерката додаде дека е задоволна од тоа што го видела при интензивните посети по општините и општинските училишта во текот на овој месец и цени дека училиштата се подготвени за квалитетна, но и за безбедна настава, која ќе значи добра едукација на децата, но истовремено и ќе биде заштитено нивното здравје, како и здравјето на наставниците.
Училиштата беа навремено информирани за сите работи кои, покрај средствата за хигиена и заштита од вирусот, треба да ги набават за да имаме квалитетен воспитно – образовен процес и речиси сите го обезбедија тоа што е неопходно. Во многу училници старите зелени табли се заменети со интерактивни табли, набавени се нагледни средства, а како што знаете преку МОН се реализираше набавката на 10.000 таблет компјутери за ученици од четврто одделение кои потекнуваат од семејства во социјален ризик, за да можат да ги користат новите дигитални учебници. Ќе потсетам и дека во тек на набавка на опрема за кабинети по природни науки во над 260 училишта, а дистрибуцијата на учебниците, оние новите печатени од прво до трето одделение, но и одобрените за сите други одделение навремено започна и ќе заврши до 1 септември“, додаде Царовска.
Новитет во оваа учебна година е етепното имплементирање на новата Концепција за основно образование, со која за прв пат учениците ќе имаат на располагање дигитални материјали за учење, а истите се достапни и во аудио формат како и испечатени на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
OhridNews