Владата ги усвои Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта за учебната 2021/2022 година и протоколите за постапување на средните и основните училишта во државава со физичко присуство на учениците. Планот за реализација предвидува три сценарија кој би можеле да се остварат согласно епидемиолошката ситуација.

Според протоколите од Министерството за образование и наука првиот ден од наставата задолжително е да започне со упатства за учениците како правилно да се однесуваат, да држат физичко растојание, да одржуваат хигиена, и како да се грижат за сопственото здравје и за здравјето на останатите ученици и вработени во училиштето.

Како ќе се менува епидемиолошката слика, така Комисијата за заразни болести ќе информира до МОН дека се појавува ризик. Дека со почитување на дадените протоколи може да се спречи интерна трансмисија на вирусот покажува минатата година кога 40 отсто од учениците беа физички присутни во училиштата и немаше ниту еден случај на ширење на Ковид-19. Немавме затворање на цели училишта за разлика на земји од регионот каде постојано имаше затворање на училишта. Минатата година МОН на дневно ниво од сите училишта во државата собираше податоци колку се позитивни наставници  и ученици со физичко присуство и колку се позитивни наставници и ученици со онлајн настава. Тие информации стигнуваат директно до Комисијата за заразни болести, а таа ги дава насоките. истакна Министерката за образование и наука Мила Царовска.

Во однос на учебниците, Царовска истакна дека се подготвени и истите се дистрибуираат до училиштата.  Од оваа учебна година се спроведува нова концепција во четврто одделение и дигиталниот учебник е подготвен.

Во новата концепција е предвидена дигитализација на материјали за четврто одделение и токму затоа имаме материјали за четврто одделение по нова концепција, дигиталните учебници ќе бидат поставени на платформи. Стигнати се 3000 дигитални уреди за децата од социјален ризик и се  очекуваат уште 7.000. Материјалите за учење се подготвени од страна на бирото заедно од авторски тимови и рецензенти, истакна Царовска

Законот за учебници треба да влезе во постапка, а при негово носење ќе се земе во предвид и мислењето на јавноста по дискусија на  реален пример.

Што се однесува до универзитетите кои сакаат да донесат одлука за започнување на настава во какво и да е сценарио, Царовска истакна дека треба да бидат во координација и консултација со Министерството за здравство и комисијата за заразни болести пред да ги донесуваат одлуките и протоколите.

К.А