Министерката Мила Царовска очекува дека Владата на седница денеска ќе донесе одлука за почеток на учебната 2021/2022 година со физичко присуство на наставата, по препорака од Главниот кризен штаб кој вчера на состанок оцени дека се создадени услови за отворање на училиштата.

Тоа ќе значи дека од 1 септември сите ученици (од прво до деветто во основно и учениците во средните училишта) ќе се вратат во училишните клупи, за разлика од минатата учебна година кога на настава физички присуствуваа само учениците до трето одделение и повозрасни ученици во мали училишта односно подрачни и во рурални средини, а другите следеа онлајн-настава. Исклучок од одлуката за настава во училиште може бидат учениците со хронични болести или кои имаат член во семејството со хронична болест. Онлајн-настава ќе следат и оние ученици кои ќе бидат во изолација.

Минатата година покажавме дека може да има е успешна онлајн учебна година, но нема подобро образование од она со физичко присуство. Затоа што искуствата и во светот, и кај нас, покажуваат дека менталното здравје и социјализацијата се дел од учењето. Училиштата се веќе обучени, има протоколи, лани беа отворени за помалите ученици и немавме инциденти на интерно ширење на вирусот. Затоа, за оваа година, во интерес на учениците, Кризниот штаб препорача и денеска имаме владина седница на која очекувам дека ќе биде потврдена одлуката, рече Царовска, одговорајќи на новинарски прашања при посета на ОУ со ресурсен центар „Иднина“.

Досега над 62 отсто од вработените во училиштата се вакцинирани што, рече Царовска, е двојно повисок од националниот просек на вакцинација.

Презадоволна ќе бидам ако постигнеме 80 проценти. Наставниците се враќаат од одмор и сигурна сум дека ќе има уште една поголема акција на вакцинирање до 1 септември и уште побезбедно ќе се чувствуваме во училиштата, истакна Царовска.

Министерката посочи и дека постојано ќе се следат препораките од Комисијата за заштита од заразни болести, а доколку дојде до влошување на состојбата и се зголеми ризикот, потсети дека МОН е подготвено и за две други сценација кои ги претстави минатиот месец – онлајн-настава и комбинирано следење на наставата односно неделно ротирање на групи ученици за настава во училиште и онлајн.
Епидемилошките служби во училиштата, рече таа, ќе проценуваат и ќе утврдуваат дали некој ученик/ци или цело одделение ќе треба да бидат изолирани.
Царовска рече дека не очекува дека ќе е проблем што ќе треба часовите да се следат со заштитна маска додека се во училница, ќе има и по пет минути излегување според распоредот кога ќе може да се ослободат од маската.

 

ОhridNews