Започна новата учебна 2021-2022 година со отворени училишта за сите ученици. Образовниот систем е целосно подготвен за тоа, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, во видео обраќање до учениците, наставниците и родителите по повод започнувањето на новата учебна година.
Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници, додаде Царовска.
Несомнено е дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците, рече Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев со видеообраќање по повод очетокот на новата учебна година.
Сите многу изгубивме изминатата година, соочувајќи се со пандемијата која го затече целиот свет. Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието. Сега е време да го надополниме, сето она што не можевме да го развиваме во рестриктивните мерки. Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите кои се бават со психо-физичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи, додаде Заев.
Министерството за образование и наука има развиено планови да се делува во било кое од можните сценарија кои можат да се случат. Уверен сум во таа спремност, исто како што знам дека сите будно ја следиме епидемиолошката состојба и се прилагодуваме на неа додаде Заев.
OhridNews