Новата учебна година утре почнува со отворени врати на училиштата за сите ученици, со исклучок за Тетово и Гостивар, каде средношколците наставата ќе ја почнат онлајн, согласно проценката по однос на ризик и одлука на Комисијата за заразни болести, заради големиот број заразени во овие општини.
Имаме план и протоколи за постапување на училиштата за состојбата да биде одржлива. Повеќе од јасно е дека едукацијата во училница нема друга подобра алтернатива која може да го задоволи најдобриот интерес на учениците и да ги ослободи родителите од дополнителни грижи и обврски, намалувајќи го времето на учење заедно со нивните деца во домашни услови, а воедно и да ја одржи сатисфакцијата и мотивацијата за посветеност во работата кај самите наставници, вели Министерската за образование Мила Царовска во интервјуто за МИА.
Додава дека за да се одржи таа состојба потребна е максимална грижа и одговорност од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители и тоа не само во училиштата, туку и секаде надвор од нив.
Досега е вакциниран над 70 отсто од наставниот кадар што е добра основа за физичко присуство, а во случај да се прошири заразата во училиштата МОН има подготвено две дополнителни сценарија. Како алтернативи на наставата со физичко присуство се хибридниот модел, односно онлајн настава за сите ученици освен за учениците од прво до четврто одделение, а другата опција е комбинирана настава, односно учениците од секое одделение да се поделат на две групи и да ротираат на училиште преку една недела, додека другата група следи онлајн настава, вели Царовска.
Министерката вели дека новите наставни програми, наложуваат поголема интеракција помеѓу наставниците и учениците, што значи, како што вели дека пасивното предавање по принцип „пишување со креда на табла“ заминува во историјата.
Сите ученици ќе бидат „будни“ и активни на часовите, ќе даваат придонес во реализацијата. Новите материјали за учење, како што споменав годинава за прво и четврто, ќе понудат информации што се лесни за помнење, а оние непотребните кои досега наставниците мака мачеа како да ги врежат во меморијата на учениците, се елиминираат, нагласува Царовска.
OhridNews