Природните убавини, што можеме да ги видиме и сега во Охрид, се доволна причина за инвеститорите да дојдат и да вложат во Македонија, рече претседателот на Виенскиот економски форум (ВЕФ), Ерхард Бусек, во своето обраќање на Третиот состанок на Виенскиот економски форум што на тема “Туризам индустрија на иднината“, што  се одржа во Охрид.


Македонија е мала земја, но има голем потенцијал, рече Бусек, кој изрази надеж дека под словенечкото претседавање со Европската унија земјата ќе ги започне преговорите за членство во Унијата, со што ќе стане успешна приказна.

Бусек потенцираше дека можностите на регионот се огромни, но потребни се добро разработени планови за да се искористат средствата од меѓународните фондови.

Тој напомена дека е потребно подобрување на авионското поврзување на регионот и поголема прекугранична соработка, и изрази жалење поради пропаѓањето на проектот Еврорегион Охрид-Преспа“, кој, како што рече, не успеал поради грчкото противење за името на Македонија“.

Можностите на Македонија во туризмот не се доволно искористени, смета македонскиот премиер Николка Груевски. Тој најави владини инвестиции во подобрување на инфраструктурата, изработка на промотивен материјал на најмалку пет светски јазици, осовременување и намалување на цените на услугите на аеродромите во Охрид и Скопје.

Премиерот Груевски истакна дека мошне битно за развојот на туризмот во Македонија, но и во регионот, е решавањето на косовското прашање, бидејќи, како што напомена, се уште постои одредена несигурност за патување поради нерешениот проблем.

Според вицепремиерот Зоран Ставрески, Македонија во 2006 година остварила девизен прилив од 96 милиони долари, но, како што рече, може и мора повеќе. Целта е туризмот да стане една од клучните извозни гранки, а тоа ќе се овозможи со поголема промоција и зголемување на вонсезонската понуда, рече Ставрески, кој најави дека во тек е изготвувањето на националната стратегија за туризам.



Позитивна пресвртница во туризмот?!

Експертите пак сметаат дека за развојот на туризмот во Македонија најпрвин е потребно да се дефинира производот. “Она што на некој начин Владата треба да го има во предвид е тоа дека пред да се премине на промоција треба прво добро да се издефинира туристичкиот производ, а преку тоа  и да се стигне до организирана туристичка понуда“, вели проф. д-р Јован Стојаноски-продекан на Факултетот за туризам во Охрид. Според него без претходно да се дефинира производот тешко дека ќе биде успешна таа промоција. Се надевам дека Владата пред промоцијата на туристичката индустрија во Македонија ќе ги спроведе истражувањата што на светскиот туристички пазар му е потребно, дека претходно ќе ја организира туристичката понуда и на тој начин ќе се претставува, рече Стојаноски. Промоцијата мора да биде сватена како континуитет на организирана  понуда и на добро организиран производ.

На состанокот на Виенскиот економски форум во Охрид  учествуваа 240 претставници од 18 земји од Европа и светот, како и претставници на Европската комисија, ОБСЕ и Обединетите нации.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски