Возобновувањето на Светиклиментовиот Универзитет се врши според претходно изработена Локална урбанистичка планска документација, а не според желбите на Министерството за култура на РМ, рече на денешната прес конференција директорката на НУ Завод и музеј, Тања Паскали- Бунташеска, реагирајќи во врска со изнесените обвинувања на претседателот на општинската СДСМ, Томислав Тунтев, околу градежните зафати на Плаошник. Таа потенцира дека на Плаошник ништо не се уништува и дека сите остатоци од постари градби кои се откриле при систематските археолошки истражувања кои се одвиваа во периодот од 2007 година и се уште се во тек, се вклопени  и презентирани во изложбените простори од новите градби, веќе се конзервирани и не постои никаква опасност од нивно уништување.

Директорката Бунташеска, која воедно е и еден од проектантите на Светиклиментовиот универзитет, го образложи проектот според кој се градат објектите на Плаошник, како што рече, со цел повеќе да не се шират забуни и да не се манипулира со јавноста.

На Плаошник ќе се изградат 16 објекти, а не 24 како што наведовте. Од западната страна на црквата моментално се градат: Музејот на Плаошник, Светиклиментовата библиотека и Центарот за хуманистички науки. Во Музејот на Плаошник ќе бидат изложени музејските предмети откриени при повеќегодишните археолошки истражувања на просторот, ќе бидат изложени највредните икони од Галеријата на икони,  епиграфските споменици, старите ракописи, а ќе има и сала каде ќе бидат организирани повремени изложби. Секако ќе има и музејска продавница и музејско бифе што е карактеристично за секој еден музеј, а кое го злоупотребувате и кажувате пред јавноста дека ќе се градат угостителски објекти, рече  Бунташеска .

Таа додаде дека во вториот објект ќе биде презентирана Светиклиментовата библиотека, а во третиот објект ќе биде сместен Центарот за хуманистички науки. Од источната страна на црквата, објасна директорката на Завод и музеј, ќе се градат Манастирскиот конак и Резиденцијалниот објект за потребите на МПЦ. Од северозападната страна на археолошкиот комплекс треба да се гради Богословскиот факултет, а од западната страна на музејскиот комплекс ќе се градат девет афилијации на светски универзитети со заеднички компјутерски центар.

Во врска со посетата на експертите од УНЕСКО, Бунташеска потенцира дека мисијата била реализирана на покана од Министерката за култура, Елизабета Канческа Милеска, а не по нивно барање со цел да дојдат и да видат како се уништува Плаошник.

Агендата за посетата на експертите од УНЕСКО не ја изработивме ние ниту пак Министерството за култура. За тоа каде ќе одат и кого ќе посетат, експертите од УНЕСКО одлучија сами, така да сигурно не гледаа за потребно да се видат со некои од советниците од Советот на општината, рече Бунташеска.

Во врска со обвинувањата дека се донесуваат тајни планови за старото градско јадро, директорката на Завод и музеј, потенцира дека законската проседура околу донесувањето на планот за стариот дел од градот е во целост запазена. Додаде дека Проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид не претставува никаква тајна, дека се проектира според изработена Проектна програма од страна на Одбор формиран од еминентни стручњаци, кој на јавно објавен меѓународен конкурс ја добил првата награда.  Бунташеска нагласи дека максималната висина на ниту еден од објектите на Плаошник нема да ја надмаши висината на црквата.

Т. Кувенџиска