Градскиот ракометен клуб Охрид пред стартот на плеј-офот во Супер лигата, се засили со хрватскиот интернационалец Никола Јукиќ.
Триесетгодишниот Јукиќ игра на позицијата десен бек. Висок е 195 сантиметри, а во кариерата настапувал во: Каштела (Хрватска), „Pontault-Combault“ и „ Chartres“ (Франција), „Minden“ (Германија), АЕК (Грција) и „Mudhar“ (Саудиска Арабија).
Покрај настапите во јуниорскиот и кадетскиот состав, Јукиќ има и три настапи за сениорската репрезентација на Хрватска.
Во својата прва изјава по потпишувањето за ГРК Охрид, Јукиќ изрази задоволство што кариерата ќе ја продолжи во клуб со амбиции, искажувајќи респект за квалитетот на лигата и конкурентите.
Мило ми е што доаѓам во Охрид, клуб кој расте и кој во Македонија има големи амбиции. Македонија е ракометна земја, а многу убави работи слушнав за ГРК Охрид и градот уште кога настапував во Бундес лигата и верувам дека мојот престој тука ќе биде успешен. Фокусиран сум на целите на клубот и верувам дека на крај сите ќе имаме причини за задоволство. Слушнав многу добри работи и за тренерот Аушовски, кој е легенда на македонскиот ракомет, така што сигурен сум дека соработката ќе биде вистинска. Запознаен сум со лигата, дека има доста квалитетни играчи и клубови, Еурофарм Пелистер кој настапува во Лигата на шампиони, Вардар кој секогаш е силен и е поранешен двократен шампион на Европа, како и Алкалоид кој го предводи легендарниот Кире Лазаров, против кого играв неколку пати во Француската лига.
Засега, за ова кратко време на секој чекор гледам топло гостопримство во Охрид и искрено имам добро чувство дека со помош на публиката можеме да оствариме значаен резултат оваа сезона. – изјави за клупската страница новата аквизиција на ГРК Охрид, Никола Јукиќ.
Никола Јукиќ и ГРК Охрид потпишаа договор на една и пол година. Тој ќе и се придружи на екипата на подготовките во Србија каде ГРК Охрид во наредниот период ќе одигра шест контролни средби со силни противници, преку кои „Гладијаторите“ ќе ја брусат формата за плеј-офот кој почнува во февруари.
Г.М.