Бугарското Министерство за финансии денеска соопшти дека на државата и се заканува банкрот и дека постои ризик за стабилност на фиксниот курс на бугарскиот лев во однос на еврото.

Вршителот на должноста министер за финансии Росица Велкова-Желева во извештајот нагласи дека влезот на Бугарија во еврозоната мора да се одложи на неодредено време. Министерството за финансии ќе бара од сите министерства да ги намалат расходите на нивните буџети за не помалку од 10 отсто поради критичната состојба на буџетот.

Според неа, задолжувањето кај ММФ би помогнало за зачувување на фискалната стабилност, но може да наметне сериозни финансиски ограничувања и дека во таа ситуација приходите би биле замрзнати.

Проценките направени од Министерството за финансии покажуваат дека доколку се задржат политиките донесени во 2022 година и ги рефлектираат фискалните ефекти од прописите што стапија на сила, а кои ги предодредуваат приходите и расходите, ефектот за 2023 година подразбира значително влошување на буџетскиот биланс во јавната администрација во износ од 6,9 отсто од БДП, рече Велкова-Желева.

Таа нагласи дека како резултат на мерките што ги донесе собранието кое ја избра владата со премиерот Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василиев „забележано е значително зголемување на расходите на буџетот за 2023 година и на среден рок дефицитите се повторно околу 6 или 7 проценти од БДП“.

Бугарски медиуми јавија дека доколку се задржат наведените трендови на негативниот дефицит, се зголемува можноста за забрзан пристап кон предвидените горни граници на јавниот долг од 60 отсто од БДП.

За надминување на ризиците, Владата треба да вложи максимални напори за усогласување со дигиталните фискални правила и ограничувања од Законот за јавни финансии, односно да предложи трајни мерки за консолидирање на приходите и расходите за да се достигнат целните нивоа на дефицит за периодот 2023-2026 година заклучи Велкова-Желева.

OhridNews