Составена со осум интернационалци од најдобрите европски лиги, во
комбинација со најквалитетните домашни играчи, натпреварот Македонија-
Бугарија треба да биде вистинско уживање за љубителите на фудбалот.
Соседските натпревари отсекогаш буделе интерес, а ривалитетот е голем.
Иако станува збор за пријателски натпревар, желбата да се победи, да се
фати позитивен натпреварувачки ритам и победнички дух, е гаранција да
гледаме добар и борбен натпревар, со отворена игра и убави фудбалски
потези.
Над стотина навивачи сигурно се очекуваат да дојдат од Бугарија, бидејќи
сепак станува збор за значаен подготвителен натпревар Бугарија, која се
бори за учество на светското првенство.
Дека бугарскиот фудбалски тим е навистина квалитетен и наликува на оној
легендарен тим со Стоичков, Пенов и останатите веќе фудбалски легенди,
потврдуваат резултатите од нивната квалификациона група, каде Бугарија е
на второто место, со реални шанси за пласман. Екипата ја сочинуваат
врвни фудбалери, за што потврда е последниот натпревар со Италија, каде
вицешампионот се спасуваше од пораз.
Станислав Манолев од ПСВ Ајдховен, Николај Михајлов од Твенте,
Александар Тонев од Астон Вила, Илиан Мицански од Карлсруе и другите
играчи се дел од компактниот тим на Бугарија, кој ќе биде вистински тест
за македонските фудбалери, кои веќе од февруари 2014 стартуваат со
новиот циклус квалификации за европското првенство, што претставува
голем предизвик и поттик за нашите фудбалери.
Македонија предводена од Пандев, Ибраими,Тричковски треба да ја прекине
лошата серија на резултати. Домашната јавност се надева дека токму во
натпреварот со соседот македонските фудбалери ќе покажат дека имаат
квалитет и потенцијал.