На пригодна свеченост што вчера се одржа во Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов, им додели одликувања на спасителите на бугарските туристи од  бродот „Илинден“ што потона во водите на Охридското Езеро на 5ти септември 2009 година.

На свеченоста на која присуствуваше и македонскиот министeр за одбрана, Зоран Коњановски, одликувања за благодарност за спасувањето на преживеаните од бродската несреќа им беа врачени на  четворица членови на екипажот на бродот „Александрија“, тројца од „Кристина“, и на сопствениците на двата брода, Зоран Гилески и Васко Јанески, како и на тројца охридски нуркачи и на  директорот на Општата болница во Охрид, Љубен Арнаудов.

– Ни се заблагодарија за како што ја нарекоа, херојската работа и сесрдната помош кон настраданите, која независно од трагичниот биланс и бројните жртви, ќе придонесе за зближување на двата народа, изјави капетанот на бродот „Александрија“, Петар Василев, еден од одликуваните охриѓани.

На 5ти септември 2009 година бродот „Илинден“ потона во Охридското Езеро при што животот го загубија петнаесет бугарски туристи, а благодарение на присебноста и пожртвуваноста на охридските спасители беше спречена поголема катастрофа.

OhridNews