Бугарија ќе го укине ветото за почеток на преговорите за пристапување на државава во ЕУ, откако ќе добие јасни законски препораки од македонска страна за исполнување на обврските од договорот за добрососедство. Претседателот на Бугарија, Румен Радев пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија истакна дека повеќе од три години откако е стапен билатералниот Договор на сила, не е преземена вистинска акција од македонска страна. Тој ги повика претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев да покажат „неопходна волја за надминување на проблемите во билатералните односи“.
Бугарскиот претседател истакна дека потиснувањето на правата на Бугарите во државава е предизвик и на ЕУ, затоа што тие „се државјани на Бугарија и државјани и на Унијата“ и повика на „европска солидарност и со нив и со Бугарија“.
Тоа не е ниту вето, ниту стопирање на процесот, ние повеќе од тоа не бараме. Бараме да се почитуваат основните европски принципи и интересите на секоја држава членка на ЕУ, рече Радев, додавајќи дека, според него, треба да се искорени јазикот на омразата, толкувањето за Бугарија од учебниците, спомениците, од државната политика, и тогаш ќе бидат подготвени да кажат „да“.
Едно од барањата е Бугарите во земјава да бидат вброени и во пописот на населението во Северна Македонија, односно како што вели Радев да биде признаена историската вистина.
Бугарија бара како што беше призната историската вистина во односите на Северна Македонија со Грција, така да биде призната и историската вистина во односите со Бугарија. Очекуваме билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Мене ме интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, за да кажеме „да“, додаде бугарскиот претседател Радев.
Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо денеска се одржа средба помеѓу,Румен Радев, германската канцеларка Ангела Меркел,францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев на која се разговарало за изнаоѓање начин за надминување на препреките пред започнување за преговорите за членство на државава во ЕУ, што според него е тема која „е од исклучителна важност за регионот, за македонските Бугари и за местото и улогата на Бугарија во ЕУ“.
Северна Македонија не може да помине катарза. Нашите позиции се јасни, се додека нашите сонародници подлежат на суптилна асимилација, со текот на годините се потиснувани и нивните основни права и не се интегрирани целосно во Северна Македонија ние не можеме да кажеме „да“ за почеток на преговори, изјави Радев.
OhridNews