Одлучувачкиот петти натпревар во финалната серија од регионалната АБА лига и припадна на Црвена Ѕвезда која ја освои титулата, но Будуќност се соочи со низа непријатности пред почетокот на мечот и влезот во салата „Александар Николиќ“. „Црвено белите“ триумфираа со убедливи 97-54, но дамката за неспортската атмосфера останува.
Кошаркарите на Будуќност, тренерот и управата одбија да даваат изјави после натпреварот. Клубот се обрати со соопштение во кое ја обвинија Црвена Ѕвезда за линч и спортско насилство.
- Играчите и стручниот штаб од Будуќност синоќа доживеаја вистински хорор филм. Се соочивме со линч и спортско насилство. Нападите на навивачите ги забележаа и камерманите, а ги пренесоа и српските медиуми што доволно говори во каква „спортска“ атмосфера се играше „мајсторката“. – стои во соопштението од Будуќност.
Црвена Ѕвезда ги отфрли обвинувањата, а првиот човек на клубот Небојша Човиќ како главен виновник за тензичната атмосфера го обвини стратегот на Будуќност Јасмин Репеша.
- Тоа што се случуваше на почеток ме загрижи, но никогаш не излезе ситуацијата од контрола. На валкани работи кои се случуваа во Подгорица мораше да следи реакција од нашите навивачи. Атмосферата беше фантастична и знам дека гостите пробаа да не испровоцираат и дестабилизираат, но ние издржавме и победивме. Не сакам но морам да се навратам на затворскиот режим од вторникот до саботата додека бевме во Подгорица. Тогаш ние не пишувавме од хотелот, туку машки рековме дека ќе се бориме без оглед на се. – изјави Човиќ.
Со освојувањето на титулата во АБА лигата, Црвена Ѕвезда обезбеди место во Евролигата следната сезона.
OhridNews