Капиталните инвестиции се зголемуваат за 29 отсто односно 83 милиони евра, а некои од најавените вложувања се во Коридорот 10, изградба на јавни здравствени установи, нови училишта, како и продолжување на тековните проекти како што е „Скопје 2014“.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, изјави дека не се предвидени покачувања на платите во јавната администрација, ниту пак ќе има нови вработувања, освен планираните со Рамковниот договор и евроинтеграциите.
„Најмногу дополнителни средства покрај капиталните инвестиции добиваат здравството – една милијарда 889 милиони денари, образованието -1 милијарда 783 милиони, земјоделството -1 милијарди и 211 милиони денари и транспортот – околу 850 милиони денари“, рече Ставрески.
За наредната година расходите за плати остануваат речиси непроменети, односно се зголемуваат за 1,9 отсто, кај трансферите порастот е 3,8 проценти, а кај стоки и услуги стапката е 6,8 отсто.
„Ако минатата година имавме буџет за заздравување од кризата, главна карактеристика за 2011 година може да се каже дека ќе бидат инвестициите и развојот“, додаде министерот за финансии.
Ставрески изјави дека дефицитот ќе се финансира на надворешните пазари, при што ќе се анализира дали со еврообврзница или со кредити од меѓународните финансиски институции. За 2011 година државата не планира нови задолжувања преку државни записи.
извор: „Макфакс“