Основниот суд 1 во Скопје издаде наредба до МВР за стражарно приведување на Владо Бучковски за следниот главен претрес, во врска со случајот „Резервни делови“, пренесува „Макфакс“.

Судот денеска соопшти дека закажаниот главен претрес за предметот К.бр.694/10, со работен наслов “Резервни делови” повторно се одложи поради неприсуство на првообвинетиот, кој до судот доставил поднесок преку кој известува дека од 3. до 8. февруари ќе биде на службено патување во Израел.

Судот за да ја провери веродостојноста на наводите од поднесокот, писмено се обратил до Собранието на РМ, по што добил информација дека за службените патувања на пратениците на РМ, одлучува исклучиво Претседателството на Собранието на Република Македонија, во состав Претседател и потпретседатели, како и дека Претседателството не одлучувало по барање за учество на пратеници на конкретната меѓународна конференција, односно не е одобрено службено патување и учество ниту на првообвинетиот, ниту на било кој друг пратеник, во име и за сметка на Собранието.

Од досега закажаните 13 главни претреси, одржани се само два, а останатите се одлагани од причини што не присуствувал некој од обвинетите кои се повикувале на влошена здравствена состојба, за што на судот му приложувале уредна медицинска документација.

Следниот претрес е закажан за 8. февруари 2011 година.

OhridNews
извор: „Макфакс“