Истражувачите при американскиот Универзитет Корнел забележале дека бучавоста за време на лет со авион може да влијае врз перцепцијата на храната која ја јадеме. Истражувањето допринело за разбирањето на таканаречената мултисензорна перцепција и покажало дека и звучните надразнувања имаат улога во доживувањето на вкусот. Конкретно, забележано е дека звуците на патничките авиони, кои често надминуваат 85 децибели, влијаат врз намалувањето на чувствутелноста на слатко и на зголемување на чувствителноста на таканаречениот “Петти вкус“ кој многумина го опишуваат како полн, месен вкус.
Некои компании тој факт веќе го земаат во оглед, па така на пример, една германска авиокомпанија забележала дека меѓу патниците сокот од домати е подеднакво популарен како и пивото. Истражувањето покажало дека притисокот во авионите влијае на вкусот на сокот од домати. Меѓутоа, истражувањето нуди дополнително објаснување, а тоа е дека за сокот од домати познато е дека содржи аминокиселина глутамат, која влијае врз „петтиот вкус“ па убавиот вкус на тој сок повеќе доаѓа до израз за време на летањето во авион.