Добрите вести кај нас се вистинска реткост, па затоа пред извесно време искрено ме израдува најавата дека новоизградената атлетска патека на стадионот „Билјанини извори“ ќе ја промовира ни повеќе ни помалку туку неприкосновениот крал на атлетиката, славниот светски рекордер во скок со стап, Сергеј Бубка.


Меѓу можните учесници на претстојниот меѓународен атлетски митинг во Охрид се спомнуваше и хрватската скокачка во височина Бланка Влашиќ и други звучни атлетски имиња од соседството. Вистински спортски празник, но и многу повеќе од тоа, бидејќи настаните на кои се натпреваруваат врвните спортисти не минуваат незабележани од големите светски медиуми. Охрид бесплатно во весници, телевизии, па макар и во спортските рубрики. Ама не ние не сакаме така, ние си плаќаме за реклама ко господа на CNN, Eurosport….Си плаќаме и за разни рекламни кампањи дома, меѓу кои и за развој на спорт, иако тие се резервирани за одбрани медиуми, ама си плаќаме. Пари за тоа има, а нема за поддршка на спортски настани на кои младите спортисти во живо ќе ги сретнат своите идоли. Надлежните државни агенции и институции решија да штедат и да не издвојуваат средства за организиација на Меѓународниот атлетски митинг во Охрид. Не им бил предвиден во програмата. Организаторите  се жалат дека се бојкотирани и од компаниите кои не изразиле желба да бидат дел од една нова спортска приказна, а стравуваат да не им киксне и локалната, која треба да им пружи логистичка поддршка.


Се преценија ли можеби во планирањето амбициозните организатори или е нешто друго во прашање? Не сакам да поверувам дека некаде длабоко во позадина можеби се кријат некакви “неспортски“ мотиви, но симптоматично е однесувањето на некои институции и поединци кои од петни жили се трудат да покажат колку многу се грижат и придонесуваат за спортот, а сега кога имат можност и да се докажат одбраа да стојат на страна. И што е сега толку битно дека Охрид по заслуга на истакнати поединци на подарок доби професионална атлетска патека, вредна 400 000 евра,  која доколку наместо за трки служи за натпревар на суети. Таквите трки немаат ниту цел ниту победници.

Горан Момироски