Железничката пруга „Еуробалкан“ која треба да ги поврзе пристаништата Бургас и Драч, преку Кичево ќе поминува низ селата Брежани, Сливово, Издеглавје и Мешеишта, по што продолжува кон Струга, која е предвидено да се поврзе со албанскиот град Лин. Вкупната должина на трасата од Кичево до Лин е 62,6 километри.
Пругата претежно ќе биде наменета за товарен сообраќај, проектираната максимална брзина е 100 километри на час, а предвидено е да има повеќе мостови и тунелски решенија. Почетокот на изградбата на пругата е неизвесен и зависи од изнаоѓање на финансиски средства, посочија експертите, според кои проектот е еколошки издржан и нема да има значајно влијание врз животната средина.
Реализацијата на овој проект ќе значи многу за економскиот развој на Охрид и Струга, бидејќи регионот железнички ќе биде поврзан со Европа.