Охриѓанецот Климент Грозданоски освои бронзен медал на Светското првенство во сениорски кик бокс (WAKO) кое се одржа во Турција. Грозданоски беше дел од македонската репрезентација за која настапија уште двајца кик боксери.

Климент Грозданоски (трет од лево кон десно) со членовите на македонската репрезентација.

Грозданоски на третото место од пиедесталот се искачи во категоеријата „кик лајт до 89 килограми“. Охриѓанецот во полуфиналето изгуби од полскиот кик боксер Пјотор Випчал, а во малото финале силите ќе ги одмери со Маркус Јохансон. Во походот кон полуфиналето, Грозданоски, подобар беше од Али Багирзада од Азербејџан и Италијанецот Јаноне Аниело.

Одличје за македонската репрезентација донесе и Димитар Георгиев. Тој во категоријата „кик лајт до 84 килограми“ финишираше на третата позиција. Најмладиот натпреварувач во македонскиот состав Стефан Михајловски (+94 кг) загуби во елиминациските борби со поделена судиска одлука против претставникот на Италија, но сепак прикажа голема борбеност и нијансии го делеа за понатамошен пласман.

Ми претставуваше особена чест да се натпреварувам за македонската репрезентација на првенството кое беше едно од најмасовните и најдобро организираните. Подготовките беа навистина напорни и траеја цели три месеци, а посебен предизвик беше меѓусебното организирање, при што мораше да ги погодиме нашите работни обврски за да ги одработиме заедничките тренинзи.  Последната проверка беше Балканскиот куп кој се одржа во Ниш една седмица пред Светското првенство, каде настапив под капа на мојот матичен клуб Гладијатор-Скопје, и го освоив златниот медал. Особено задоволство ми претставува фактот што бевме мала екипа, но успеавме да оствариме успех кој го немаат некои од поголемите држави, и сите тројца успеавме да се прикажеме во прекрасно светло. Димитар е веќе докажан натпреварувач на светската сцена, а за Стефан како најмлад натпреварувач допрва доаѓа времето. Останува да го поткрепиме овој пласман со уште повеќе медали наредната 2020 година, како светските WAKO купови, Медитеранските игри, и Европското првенство 2020 година. Посебна благодарност сакам да изразам до тренерот на Македонската Кикбокс Федерација, Драган Атанасовски и претседателот на федерацијата Дејан Митровски – Урко, кои несебично се вложија и одвоија голем дел од нивното време во изминатите три месеци со цел да пренесат што е можно повеќе знаење. На вакви големи првенства може да се забележи колку е битно позади себе да се има добар тренерски тим, кој е исто толку важен колку и самиот натпреварувач. Исто би сакал да изразам благодарност до мојот прв тренер, Марјанчо Лазаревски, кој ми овозможи услови за тренинг за време на мојот престој во Охрид, каде со помош на таеквондо клубот Хваранг ИТФ – Лескоец имав можност да поработам повеќе на мојата техника со нозе и кондициски подготовки. – изјави Грозданоски.

Со настапот на Ссветското заврши и натпреварувачката година за Македонската кикбокс федерација. Од таму велат дека ги очекува доста активна 2020 година на национален и меѓународен план.

OhridNews