Бројот на жртвите во пожарот во ноќниот клуб во романската престолнина се зголеми на 60, откако на клиника во Виена починало 19-годишно момче кое настрадало во инцидентот во центарот на Букурешт ноќта кон 31-ви октомври, соопштија од романското министерство за здравство, пренесува „Макфакс“.
Според романските здравствени власти, во моментов уште 28 повредени, чијашто состојба се оценува како критична, се наоѓаат на лекување на клиники во Холандија, Норвешка, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија и Израел. Овие земји одговорија на барањето на романските помош поради скромните капацитети во земјата. За жал, некои од повредените не успеаја да го издржат транспортот и починаа на пат до споменатите клиники.
Јавноста во Романија им забележува на властите за бавност во процедурата за транспортирањето на дел од најзагрозените пациенти во странските далеку подобро опремени болници.
На клиниките во Букурешт во моментов се згрижени 40 настрадани, од кои 10 се во критична состојба, а другите се стабилно, соопшти романското министерство за здравство.
Веднаш по пожарот беше потврдено дека 27 лади луѓе ги загубиле животите на самото место, а уште 200 лица се хоспитализирани со различни степени на повреди, и оттогаш во изминатите три седмици бројот на смртно настраданите секојдневно се зголемува. Истовремено, од букурешките болници на домашно лекување се пуштени неколку лица.
Според досегашните сознанија на истрагата, причина за пожарот било користење на пиротехнички средства, во текот на концертот во ноќниот клуб сместен во подрумски простории, без соодветни дозволи за исполнување на безбедносните стандарди и за организирање забави. Од него се запалиле запаливите материјали со кои биле обложени ѕидовите и таванот, а околу 400 лица се упатиле кон единствениот во тој момент отворен излез, поради што најмногу од жртвите починале во стампедото или од задушување.
Во врска со најголемата трагедија којашто се случи во романската престолнина во повеќе од две децении, е уапсен Кристијан Попеску Пиедоне, началник на 4-от округ на Букурешт, во кој се наоѓаше дискотеката.
Трагедијата којашто доведе до масовни протести и оставка на премиерот Виктор Понта, се случи во клубот „Colectiv“ кога романскиот хардрок бенд Goodbye to Gravity го промовирал својот нов албум, чии тројца музичари починаа од последиците на повредите, а другите двајца се хоспитализирани.
Ноќниот клуб, отворен во поранешна фабрика за обувки во центарот на Букурешт, на само еден километар од зградата на романскиот парламент, немал потребни дозволи за организирање концерти, како ни за употреба на пиротехника. Тројцата сопственици на клубот во вторникот беа притворени. Според, главниот обвинител Тибериу Ницу, тие се соочуваат со доживотни затворски казни. Во исказите пред судот тие признале дека клубот бил опремен со лесно запалливи материјали и оти немале дозвола за употреба на пиротехника.
OhridNews
извор:„Макфакс“