Норвешката полиција го ревидираше бројот на настрадани во нападите во петокот, од 93 колку што првично беше објавено, на 76, јавува Ројтерс.

Според полициското соопштение, тешко е да се дојде до податоци за нападот на островот Утеија, каде што, како што се верува сега, загинале 68, а не 86 лица.

Во Осло пак, според новите податоци, загинале осум, а не седум лица.

Осомничениот за масакрот во Осло се изјасни за невин

Норвежанецот Андерс Бехринг Брејвик осомничен за двата напади, изјави дека се чувствува невин при неговото прво појавување пред судот, пренесува „Макфакс“.

Во Осло вчера , се одржа првото сослушување за случајот Брејвик, кое траеше околу 35 минути и се одвиваше без присуство на јавноста.

Брејвик на сослушувањето изјавил дека сакал да испрати силна порака и оти не се чувствувал виновен. Тој тврдел дека нападите ги извршил за да ја спаси Европа од она што тој го нарекува „исламизација” на континентот и од културниот марксизам.

Таткото на убиецот:Подобро самиот да се убиеше

Андерс Беринг Брејвик, кој призна дека ги извршил нападите во Норвешка во кои во петокот загинаа 76 луѓе, требало да се убие, а не да убива други луѓе, изјави неговиот татко, во интервју за норвешката телевизија ТВ 2.

„Мислам дека она што требаше да го направи е да се убие, а не да убие толку многу луѓе“, рече 76 годишниот Јенс Брејвик, поранешен дипломат кој повеќе од 15 години не е во контакт со синот.

 „Никогаш повеќе нема да го контактирам“, порача Јенс.

 На коментар на новинарот дека неговата изјава за самоубиство на синот е „пресилна“, Јенс Брејвик рече:

„Да, навистина. Но кога ќе погледнам што се случи, очаен сум. Сè уште не рабирам како можеше да дојде до тоа. Нормална личност не може да направи такво нешто“, рече таткото на убиецот.

Јенс Брејвик живее во едно село во јужна Франција и запрашан дали смета дека неговиот син е ментално пореметен, тој вели дека „мора да е, бидејќи нема друг начин да се објасни она што го направил“.

Во манифестот на 1.500 страни Андерс Беринг Брејвик посебно се осврнува на семејните односи. Навел дека неговите родители се развеле кога имал една година и дека израснал со мајка му.

„Имав добар однос со него(таткото) и неговата нова жена во тоа време, сè до 15. година“, напишал Андерс и додал дека потоа не зборувал со татко му, бидејќи „се изолирал“.

„Тој од тој брак има четири деца и со сите четири го прекинал контактот, така што прилично е јасно кој е виновен. Не сум лут на него, но некои од моите полубраќа и полусестри се“, наведува во манифестот.

Малмстром:Премалку европски лидери се кренаа против ксенофобијата

Европската комесарка за внатрешни работи Сесилија Малмстром оцени дека премалку европски лидери ја осудиле ксенофобичната реторика на Андерс Беринг Брејвик, осомничен за двата напада во Норвешка, во кои загинаа 76 луѓе.

„За жал премалку лидери станаа да ја одбранат различноста и толерантните и демократски општества во кои секој е добредојден“, рече Малмстром.

Според неа, манифестот на Брејвик кој е објавен на 1.500 страници, покажува дека станува збор за пореметен човек.

„За жал (во манифестот) можеме да препознаеме чувства кои денеска во Европа се многу распространети“, рече еврокомесарката за внатрешни работи.

Таа потсети дека во повеќе наврати изразувала загриженост поради постоењето на ксенофобични групи кои својот успех го должат врз реториката насочена против исламот и сè што тие групи го сметаат за закана за современото општество.

„Тоа создава една многу негативна клима“, рече Малмстром.

OhridNews
извор: „Макфакс“