Спасувачките екипи вчера извлекоа уште седум тела од уништениот хотел „Rigopiano“ во централна Италија кој на 18-ти јануари беше затрупан од силна лавина, со што бројот на смртно настраданите се искачи на 25 луѓе, јавува „Макфакс“.
Три тела беа извлечени од под купиштата снег и остатоците од конструкцијата на отелот ноќта кон средата, две беа најдени во текот на претпладнето и уште две вобите попладневни часови, соопшти италијанската противпожарна служба. Уште четири лица се вода како исчезнати.
Меѓу жртвите 13 се мажи а 12 се жени, и од нив вкупни 13 лица сé уште не се идентификувани, објави директорот за службата за брзи интервенции на Одделот за цивилна заштита Тити Постиљоне, додавајќи дека во моментов се ангажирани околу 200 луѓе на расчистување на остатоците и купиштата снег.
Една седмица по трагедијата, додека уште се води потрагата по исчезнатите, спасени се 11 луѓе, од кои четирите деца, вклучително и двајцата мажи кои кобната ноќ минатата среда во време на уривањето на лавината биле надвор од хотелот и се засолнале во нивните возила.
На 18-ти јануари вечерта, врз планинскиот хотел во планинскиот масив Гран Сасо голема лавина испровоцирана од четирите силни земјотреси кои претходно истиот ден ја погодија централна Италија, целосно го затрупа и урна хотелот кој се наоѓа во регионот Абруцо. Според процените на експертите, врз хотелот се урнале 120.000 кубни метри снег, кои налетале на објектот со брзина од 100 километри, а масата на лавината се споредува со 40 натоварени камиони.
Во италијанските медиуми сé уште има реакции на информациите дека гостите едноставно останале заробени во хотелот, бидејќи биле пронајдени спакувани куфери за заминување. На интернет од пред неколку дена започна да кружи електронска порака која управата на хотелот им ја испратила на властите барајќи помош, само неколку часа пред катастрофата. И покрај тоа што не е споменато стравување од лавина, се опишува дека кај гостите расте паниката кои поради многу силните снежни врнежи останале блокирани, кога четирите силни земјотреси претходно го погодија истиот регион.
Обвинителот во Пескара отвори истрага за лавината. Правосудните органи се уваат да го утврдат редоследот на настаните во хотелот во Абруцо за да се покаже дали трагедијата можело да биде избегната. Уште следниот ден по несреќата беше отворена истрага за дело „убиство од небрежност“, за да се утврди дали сите опасности и ризици биле земени предвид, како при градењето на малиот ексклузивен хотелски комплекс, така и во врска со сите настани кои се одигрувале на 18-ти јануари, имајќи ги предвид земјотресите од тој ден кои ја погодија таа област и оти три дена со ред имало обилни врнежи до снег.
OhridNews
извор: „Макфакс“