17.00 ч. – Според најновите информации на светските агенции, во масакрот на островот Утоја, настрадале 85 лица, со што бројот на жртви во двата одделни напади во Норвешка достигна 92. Се стравува дека црната бројка ќе расте затоа што 20 од стотината повредени се во критична состојба.

Силна експлозија вчера ја оштети зградата на Владата во Осло, вклучително и канцеларијата на норвешкиот премиер Јанс Столтенберг и зградата на таблоидот „VG“, а нападнат беше и кампот за млади политичари на владејачката Лабуристичка партија на островот Утоја.

Местото на трагедијата попладнево го посетија норвешкото кралско семејство и премиерот Јанс Столтенберг.

10.30 ч. – Непосредно по нападот во Утоја уапсен е напаѓачот, кој како што соопшти полицијата е Норвежанец. Се работи за 32-годишниот Андрес Беринг Брејвик, христијански десничар, кој бил забележан и во Осло непосредно пред експлозијата. Полицијата работи на откривање на мотивите за нападот.


02.17 ч. – Според последните информации во вчерашната експлозија во Осло загинале 7 лица, две се тешко, а стотина полесно повредени. Неофицијално, експлозијата ја предизвикал паркиран автомобил, но засега оваа информација не е потврдена.


Непосредно по овој напад, маж облечен во полициска униформа отворил оган од оружје врз учесниците на политичкиот камп на младите од Работничката партија. Очевидци тврдат дека учесниците на собирот, главно млади на возраст од 14 до 18 години се обидувале да се спасат со пливање и дека сликата на островот Утоја била страотна.