Бројот на заболени од грип во Охрид во текот на јануари и февруари е во пораст, но споредено со истиот период минатата година, не се бележи драстично зголемување. Од Центарот за јавно здравје информираат дека на почетокот на сезоната биле евидентирани 18 случаи на заболени од грип, а во текот на последната недела 110. Најголемиот број заболени се на возраст од 15 до 45 години.
Да не дојде до драстичен пораст на бројот на заболени придонесе и вакцинацијата против сезонски грип, за која постоеше голем интерес кај охриѓани, а се вршеше во октомври и ноември за чија цел во центарот беа набавени 2500 вакцини.
На ниво на Македонија во петтата недела од 2014 беа евидентирани 2 350 новозаболени лица од грип, што во споредба со преходната недела претставува зголемување за 12,4 отсто.
Со цел заштита од заболувањето со грип, лекарите препорачуваат иззбегнување на близок контакт со лица кои се заболени или сомнително болни, често миење на рацете или бришење со влажни марамчиња кои содржат алкохол, избегнување на допирање на носот, устата или очите после контакт со предмети за кои постои можност да се контаминирани, заболените лица неопходно е да се лекуваат дома со цел спречување на ширење на инфекција, покривање на носот и устата при кашлање и кивање.
За лицата со лесна клиничка слика кои не се во ризична група,се препорачува домашно лекување со симптоматска терапија а во случај на влошување на состојбата(доколку за 3 дена нема подобрување) веднаш консултација и преглед од лекар. Лицата кои се со лесна клиничка слика , но спаѓаат во ризична група (хронично болни лица, бремени жени деца под две години), веднаш се јавуваат на матичен лекар со цел навремено ординирање на анти-вирусна терапија. Лицата кои се со потешка клиничка слика веднаш се јавуваат на лекар со цел хоспитализација и ординирање соодветна терапија.
OhridNews