Двата македонски аеродроми, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, првите девет месеци годинава ги завршија со вкупно 1.183.728 патници, што е пораст од 20%, споредено со истиот период минатата година, информираат од „ТАВ Македонија“.

Од ТАВ додаваат дека во последно време значително е зголемен и интересот на граѓаните од соседните земји, како од Косово, од Албанија и од Јужна Србија, за патување преку скопскиот аеродром „Александар Велики“.

Од ТАВ Македонија велат дека очекуваат трендот на зголемување на сообраќајот на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ да продолжи и натаму, како резултат на новите осум линии кои се воведоа годинава од двете авиопристаништа – шесте од Скопје за Женева, Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нинберг, како и двете од Охрид – за Лондон и Базел.  

Најфрекфентна дестинација од „Александар Велики“ и натаму е Истанбул (двата аеродроми „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“) со 14,4% пазарен удел во вкупниот сообраќај, а потоа следуваат Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон (Лутон). Меѓу авиокомпаниите, „Виз ер“ има пренесено најголем број патници во периодот јануари-септември со 49% пазарен удел, а по него следуваат „ Туркиш ерлјанс’’, „ Аустриан ерлајнс’’, „Пегасус ерлајнс’’, „ Ер Србија’’ и „Еделвејс’’.

OhridNews