Во моментов на ниво на општина Охрид евидентирани се вкупно 7000 невработени лица, од кои 3000 се лица кои активно бараат вработување. Споредено со податоците од 2007 година, кога нивниот број изнесувал 12.500, тоа значи драстично намалување на невработеноста.
Ваквото намалување, според раководителот на Агенцијата за вработување во Охрид, Јован Баткоски, пред се се должи на активните владини мерки и програми за јакнење на капацитетите на невработените лица за нивно вклучување на пазарот на труд, како и на мерките за подобрување на условите за работа.
– Посебно би го истакнал проектот за самовработување, „Од идеја до бизнис“ за започнување сопствен бизнис, преку која мерка во изминатиот период, на ниво на општина Охрид се регистрирани и успешно опстојуваат околу 100 фирми , вели Баткоски.
Меѓу активните мерки кои се преземаат се и можностите и поволностите кои им се даваат на работодавачите при вработување на нови лица, кои денес беа презентирани пред охридските работодавачи во рамки на одржаниот форум во организација на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување и општина Охрид, на кој присуствуваа и претставници од локалната самоуправа.
– За нас, како локална самоуправа намалувањето на невработеноста е приоритетна активност со оглед на економската состојба во која се наоѓа општината . Се надевам дека со преземање на овие мерки видно ќе се подобри социјалната слика во Охрид и затоа како локална сме отворени и подготвени да ги подржиме ваквите мерки, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Реализацијата на активните владини мерки за намалување на невработеноста започна во 2007 година.
Т.К.