Вкупно 4.686 охриѓани се евидентирани на листата на невработени во Агенцијата за вработување заклучно со месец јуни 2015 година. Оваа бројка е за 490 лица поголема од бројката на невработени охриѓани која била регистрирана во јуни 2014 и изнесувала 4.196 лица.

Според степенот на образование во рамки на јунската евиденција во Охрид, запишани се 764 лица со високо образование, а работа бараат и 49 магистри и еден доктор на науки. Во евиденцијата на невработени охриѓани запишани се и 165 лица со виша школа и 1.365 лице со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа немаат 1.039, а со основно образование 1.303 охриѓани.

Регистарот на Агенцијата за вработување покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.749 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 933 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид вработување очекуваат и 1.004 лица, помлади од 30 години.

Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.563 невработени или 440 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.123 места.

OhridNews