Летната бавча при Центарот за култура „Григор Прличев“ е местото каде што вчера започна тридневниот Уметнички фестивал Охрид – УФО, во организација на Центарот за културен проток „АРТерија“.

Првиот ден од тридневниот фестивал, на љубителите на уметноста им понуди различни уметнички дисциплини, како фотографска изложба, графити, проекција на филмови, музички перфоманс, изложба на дизајнерски накит и оригами работилница.

Мило ми е што втора година по ред се оддржува овој фестивал, а првенствено ми е мило што после долго преговарање, одлуката да се отвори оваа кино бавча падна токму на АРТ ерија и настаните кои ние ќе ги спремаме. Имавме подолг период за спремање, а уметниците имаат шанса да ги изложат своите дела. За разлика од првиот УФО фестивал, овој е сконцетиран на едно место благодарение на соработката со НУ  Центар за култура „Григор Прличев“.“- истакна Ели Аиноска Христовска од Центарот за културен проток „АРТерија“.

На првиот ден од фестивалот, присутните имаа можност да се запознаат со еден колаж од повеќе културно уметнички активности.

За графитите се задолжени Зоран Мише и Ива Димитрова, односно Илија Демо Богданоски и Незир ЗиРо Керимоски. Имаме музички перфоманс со Александра Попоска, која има едно богато портфолио како вокалист и клавијатурист во групата на Драган Даутовски Квартет. Денеска Елена Ристовска, Ивана Наумоска Глухаич и Марта Пејоска ќе го изложат својот дизајнерски накит. Понатака имаме изложба на Јован Куциноски и Ѓорѓи Крстевски, а оваа година програмата ни е збогатена со оригами работилницата и музичкиот сет на Нина Флудер.“ – додава Аиноска Христовска.

За филмските проекции, направена е соработка со охриѓанецот Антонио Вељаноски – студент на Филмскиот и ТВ Факултет на Академијата за сценски уметности во Прага – “ФАМУ”, во чија селекција ќе бидат прикажани филмови од студентите при “ФАМУ” како и последното филмско остварување на Иво Трајков.

Филмската програма е избрана да биде апсолутно за сечиј вкус. Имаме документарни филмови, анимирани и фикција. Би издвоил неколку од нив, како филмот „Ми се допаѓа Нора“ на еден словачки режисер. Ќе имаме можност да се запознаеме со филмовите на македонските режисери Ѓорѓи Унковски, Милена Станишлевиќ, Иван Иваноски и Тијана Петкоска. Последниот ден е резервиран за долгометражниот филм на Иван Трајков, режисер со најмногу долгометражни филмови и еден од најценетите професори на ФАМУ.“ – истакнa Вељаноски.

Инаку, за вториот ден од фестивалот покрај бројните перфоманси, предвидено е и поетско читање на Анета Василева, Снежана Стојчевска, Александар Станојков, Марјан Тасевски, Мира Смаќоска и Маја Мојсова.

O.T.