Од  6- ти до 11- ти јули на сцената на Долни Сарај ќе се одржи 54- то по ред издание на „ Балкански фестивал“, на кој ќе настапат ансамбли од земјава и странство.

Фестивалот кој и годинава се одржува со поддршка од министерството за култура и под покровителство на собранието на РМ, ќе го отвори претседателот на собранието, Трајко Вељаноски и настапот на ансамблот за народни игри и песни на Македонија „ Танец“.

Очекуваме многу гости од земјава и странство. Традиционално, не отстапуваме и инсистираме за отворањето да го имаме нашиот амбасадор на нашата култура и традиција ансамблот „ Танец“ кој секогаш настапува со некоја нова кореографија на отворањето на еден од најстарите фестивали за фолклор на Балканот, вели директорката на Центарот за култура,  Драгана Боцевска.

Она што е каракеристично за фестивалот е тоа што нема плејбек и што секој од ансамблите кои гостуваат доаѓаат со свој оркестар и со кореографија специфична за земјата од која доаѓа.

Музиката се изведува во живо, секој доаѓа со свои носии, кореографија и се внимава да нема изведување кореографија од други земји. За ансамблот „ Танец“ претставува големо задоволство да се настапи на Балкански фестивал. Интересот на публиката е се поголем, еве и странци се заинтересирани за фестивалот , за настапот на „ Танец“, што се покажа и минатата година ,кога одбележуававме 65 години јубилеј и имавме два концерта, но и двата поминаа со голема посетеност . Секоја година внесуваме во програмата некоја нова кореографија. Сеуште размислуваме  за годинава, имаме идеи да ги вратиме старите кореографии, неделава ќе се утврди дефинитивно со што ќе настапиме, вели селекторот на фестивалот и директорот на „ Танец“, маестро Зоран Џорлев.

На 54- то издание на „ Балкански фестивал“ ќе настапат ансамбли од Хрватска, Турција, Полска, Канада, Србија, Унгарија, Северен Кипар, Бугарија и од Македонија .

Фестивалските вечери започнуваат  во 21 часот, влезот е бесплатен.

Т.К.