Меѓународната бродска линија Охрид-Поградец останува само добра замисла, која што веќе десетина години чека на реализација. Иако отворањето на оваа линија се најавува пред почетокот на секоја туристичка сезона, годинава не постојат сериозни најави  за нејзино официјално отворање.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески смета дека постои голема заинтересираност за отварање на бродската линија кон Поградец, и дека тоа е многу важно за развојот на туризмот во Охрид. Тој уште еднаш ја потенцираше подготвеноста на градоначалниците на трите крајезерски града на своја рака да ја пуштат Меѓународната бродска линија. 

-Ние најавивме дека ако не се отвори бродската линија Охрид-Поградец, сите општински совети и градоначалниците на крајбрежните градови, ќе се качиме на брод и ќе заминеме за Албанија.-рече Петрески на прославата за Денот на езерото, која се одржа во саботата. Според него Министертвото за транспорт и врски е одговорно за невоспоставувањето на меѓународната бродска линија на Охридското Езеро.

И од Охридската Капетанија многу пати имаше најави за отворање на оваа бродска линија. Во 2008 година, од таму објаснуваа дека  пристаништата на македонска и албанска територија, ги задоволуваат потребите за одвивање на меѓународен бродски сообраќај и дека  работите за отварање на  бродската линија Охрид – Поградец, се при крај. Истата година беше одржана и средба на претставници на Министерствата за транспорт на Македонија и Албанија, во Поградец, кои ги утврдија идните активности за овој проект. Но  иако од тогаш поминаа речиси две години, сеуште не е постигнат официјален Договор за воспоставување на Меѓународната бродска линија Охрид –Поградец.

OhridNews