Траект со повеќе од 250 патници, потонал утрово во реката Мегна, во дистриктот Муншигањ, во јужниот дел на Бангладеш. Во несреќата најмалку 150 луѓе се водат за исчезнати, соопштија полициски извори.

Како што пренесува „Макфакс“, најмалку 50 луѓе успеале да допливаат до брегот, а во текот е потрага по останатите патници, пренесуваат светските агенции.


Заменик комесарот на полицијата во дистриктот Муншигањ, Мухамед Азизул Алам, изјавил дека несреќата се случила, кога брод кој превезувал нафта се удрил во ферито „МВ Шаријатпур-1“, кој превезувал патници во Дака.

Несреќата се случила на околу 50 километри јужно од Дака. Еден од патниците кои се спасил, раскажал дека несреќата се случила во моментот кога поголем дел од патниците спиеле.

Бродските несреќи се честа појава во Бангладеш, минатата година, во вакви инциденти животот го загубиле неколку лица.

OhridNews
извор: „Макфакс“