Најавениот протест на бродарите се поклопува со одржувањето на Охридскиот пливачки маратон, од каде велат дека ќе биде некоректно доколку некој се обиде да го загрози одржувањето на трката.
– Не треба никој да се дрзне да ја попречи трката, затоа што вложуваме голем напор и на крајот од краиштата тоа се нивни проблеми кои треба да ги решат со институциите. Имале доволно време и институциите и самите сопственици на бродови да го решат проблемот и жалосно ќе биде доколку се злоупотреби оваа манифестација, а ние ќе направиме напор таква работа да не се случи, изјави за OhridNews, Кочо Паскали, од техничката организација на маратонот. Тој изрази жалење што оваа година бродската флота нема да ја следи трката од Св. Наум до Охрид, со што голем број љубители на пливањето не ќе можат да ги пратат маратонците од вода.
Инаку, охридските бродови од 17-ти јули се закотвени кај градското пристаниште, поради забраната за пловидба што им ја изрече Капетанијата, затоа што не се регистрирани. Тие деновиве отпочнаа разговори со овластениот бродски регистар „Биро Веритас“ околу техничкиот преглед на пловилата, но се незадоволни што надлежните државни институции порано не иницирале средба со претставниците на компанијата.
-Простор за разговор има, и ние фактички ги отпочнавме преговорите со „Биро Веритас“ околу техничките работи кои треба да се направат, истакнаа од Здружението на бродари, од каде укажуваат дека без одгед како ќе завршат разговорите со овластениот бродски регистар сезоната за нив е завршена.