Претставници на Здружението на бродари денеска ќе се сретнат со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со цел да се изнајде решение за проблемот кој летово ја закотви охридската бродска флота.

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите на експертите кои забележуваат дека состојбата во внатарешната пловидба во Македонија е резултат на нестручна работа и лоша организација. Капетанот Иван Чадикоски, кој од 1980 до 1992 година работел во тогашното југословенско речно бродарство, вели дека никогаш во  историјата на Охридското Езеро не се случило ниту еден брод да бил закотвен.

– Ова што се случува денес на Охридското Езеро, како и минатогодишната несреќа на бродот „Илинден“ се резултат на незнаење и нестручност. Тоа е последица на тоа што за внатрешната пловидба тука се грижат нестручни и недоволно обучени луѓе, вели Чадикоски.

Според него проблемот кој ја закотви бродската флота на Охридското Езеро може да се реши со мали измени  во законот.

Македонија има мала флота и нема потреба да се ангажираат регистри од странство за регистрација на бродовите, туку регистрацијата и издавањето на дозволи може да се реши тука во Капетанијата, каде треба да се вработат стручни лица кои ќе вршат технички преглед. Брод може да регистрирате секаде, тоа е исто како да регистрирате автомобил, одите во авто-мото, но потоа одите во полиција. Така е и со бродовите, Капетанијата на крај ги издава документите за пловидба што е во согласност со Меѓународните прописи, посочува капетанот Чадикоски.

OhridNews