Бројот на пушачи ширум светот постојано се намалува, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи ги земјите дополнително да ги зајакнат контролните мерки за справување со смртоносната зависност од цигари.

Во 2020 година, околу 1,3 милијарди луѓе во светот конзумирале тутун, што е намалување во однос на оние 1,32 милијарди две години претходно, објави СЗО во новиот извештај. Се очекува тој број да се намали на 1,27 милијарди до 2025 година, иако светската популација расте. Извештајот покажа дека во 2000 година, речиси една третина од светското население над 15 години користело тутунски производи, но се очекува дека до 2025. Тој број ќе изнесува една петтина.

Посебно е намален бројот на корисници на тутун кај младите. Уделот на пушачите во популацијата на возраст од 15 до 24 години во 2000 година во светот беше 20,8 отсто (секој петти пуши), а сега е 14,2 отсто (секој седми).

Иако бројките се намалуваат, во извештајот се посочува дека 36,7 отсто од сите мажи и 7,8 отсто од жените во светот сè уште користат тутунски производи, годинава. Уште позагрижувачки е фактот што 38 милиони тинејџери на возраст од 13 до 15 години пушат. Ова сочинува 10 насто од сите лица во таа возрасна група, при што момчињата пушат многу почесто од девојчињата.

Се проценува дека пушењето убива повеќе од осум милиони луѓе секоја година, најмногу поради директна употреба на тутун, но и поради изложеност на пасивно пушење.

 

OhridNews