Здравствените власти уверуваат дека има доволно слободни болнички кревети за пациенти заразени со Ковид-19 и оти за секој од нив се прави се што е потребно. Сметаат дека засега нема потреба од карантини и воведување полициски час и очекуваат да има резултати од воведените мерки.

Заклучно со синоќешната статистика на Министерството за здравство, во Охрид се активни 410 случаи, а вчера беа регистрирани 43 случаи. Во државава се активни 15 116 случаи на заразени со вирусот, а само вчера беа регистрирани 947 нови случаи.

Во сите болници во државата, освен во Струмица и во Куманово, има слободни болнички кревети. Станува збор не само за инфективните, туку и за интерните одделенија кои сега се целосно наменети за третман на ковид пациенти со соодветен распоред на лекари, изјави вчера министерот Венко Филипче.

Есенскиот бран кој енормно го зголеми бројот на ковид позитивни, ја оптовари и Охридската општа болница каде во моментов се хоспитрализирани осумдесеттина пациенти. Болницата на располагање има само уште неколку кревети, но пшостои план Б доколку состојбата ескалира изјави деновиве за OhridNews директорот на Општа болница Охрид Д-р Горан Балевски.

Во тој случај постои план Б кој предвидува специјализираната болница за кардиологија и останатите болници во градот да ги примаат болните со Ковид 19. – рече д-р Балевски.

На помош на лекарите од охридската болница им доаѓаат и специјализантите кои со одлука на Министерството за здравство се враќаат во матичните установи и ќе бидат распределени во одделенијата каде се третираат ковид болните. До крајот на годината се очекува да биде подигната и најавената монтажна болница, која треба да одговори во случај на зголемување на бројот на заразени од коронавирусот.

Од друга страна, властите сместаат дека засега нема потреба од воведување полициски час, рестриктивните мерки што се досега донесени се доволни, и ако се почитуваат ќе дадат резулат во следниот период. Апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките, особено забраната за групирање на јавен простор која со завчерашната одлука на Владата е продолжена во текот на целиот ден, наместо како досега од 21 часот.

Oд почетокот на пандемијата во Охрид се регистрирани 1002 случаи со Ковид 19, а починале 36 лица.

Г.М.