Владата ги прогласи 14 и 15 февруари за денови на жалост, во знак на почит кон жртвите од тешката сообраќајна несреќа што попладнево се случи на автопатот Скопје – Тетово, соопшти премиерот Зоран Заев по завршувањето на вонредната владина седница, што се одржа вечерва.

Сочувствуваме со нивните семејства и нивната загуба. Вечерва нашата држава тагува. Ги мобилизиравме сите сили и капацитети да им помогнеме на сите повредени кои се во опасност, колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски. – изјави премиерот Заев.

Тој истакна дека црниот биланс од несреќата се искачил на 14 лица.

Вечерва, за жал животите ги загубија 14 наши сограѓани. Седум наши сограѓани починале на лице место на несреќата. 37 лица биле хоспитализирани во болницата 8 Септември, односно донесени, 6 од тие 37 лица се починати во 8 септември. Во Свети Наум Охридски имаме едно починато лице, 2 лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба, едно лице е на домашно лекување од Гостивар, во Мајка Тереза, 8 лица од кои 3 се со сериозни повреди. – рече Заев.

Според последните информации од скопските болници, осум патници се тешко повредени и се борат за живот.

Автобус на гостиварската компанија „Дурмо Турс“ кој превезувал педесеттина патници од Скопје за Гостивар, попладнево во близина на Карпалак од непознати причини изгубил контрола, преминал на спротивната коловозна лента од автопатот, ја пробил заштитната ограда, се превртел и завршил во непосредна близина до регионалниот пат.

Возачот на автобусот ја преживеал несреќата.

Поради големата несреќа сообраќајот на автопатот Скопје – Тетово неколку часа беше во прекин, а од 21 часот тој е нормализиран.

OhridNews