Продолжува да се намалува бројот на новозаболени и починати од Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден беше регистриран само еден нов случај на заболен, поточно од Куманово. Минатата недела во државата беше детектиран и „индиски“ сој на вирусот, и тоа кај еден пациент хоспитализиран во приватна болница, кој претходно бил во Ирак.
Според извештајот на Министерството за здравство, вчера беа направени 1.375 тестирања, а регистриран е еден нов случај на Ковид-19 од Куманово. Вкупно се регистрирани 204 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени 815.893 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.418. Оздравени пациенти се 149.496, а починале вкупно 5.458. Бројот на активни случаи изнесува 464, од кои 19 во Охрид.
Во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 126 ковид пациенти, и има околу 500 слободни кревети во ковид центрите.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 31 мај до 6 јуни тестирани се вкупно 19.672 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 9,1 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 155 нови позитивни случаи од 21 град во државата со намалување од 29,5 отсто во однос на минатата недела.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Инаку, минатата недела кај еден пациент кој е хоспитализиран во приватна болница, е детектирано присуство на „индиски“ сој на вирусот СарсКов2.
Според епидемиолошката анкета која ја направила болницата, пациентот се вратил од Ирак, каде претходно десет дена бил болен и хоспитализиран. Кога се вратил во земјава, веднаш со посебно санитетско возило бил пренесен во болницата. Надлежните соопштија дека состојбата на пациентот е стабилна и овој пациент не е знак за ризик.
OhridNews