Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Охрид изнесува 615, а во моментов активни случаи се 170, најмногу од почетокот на епидемијата. Само вчера во Охрид беа регистрирани 14 нови случаи.

Во Струга од почетокот на пандемијата евидентирани се 785 ковид позитивни, но бројот на активни случаи е двојно понизок во однос на Охрид  – 82.

Најмногу Ковид позитивни се регистрирани во Скопје 11592, а во моментов во главниот град има 3490 активни случаи, следи Струмица со 424 активни случаи, Тетово 406, Прилеп 324, Куманово 322…

Во земјава од почетокот на епидемијата регистрирани се 27199 ковид позитивни, оздравеле 18948, а починале 934 лица. Бројот на активни случаи изнесува 7317.

Огромен процент од пациентите со Ковид-19 се со коморбидитети, односно со тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани навистина долго време, посочуваат здравствените власти.

Министерот за здравство предупреди дека земјата се соочува со силен бран на Ковид-19, ситуација која ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем.

Се обезбедија дополнителни капацитети и број на тестови во повеќе институции. Граѓаните мора да покажат поголема свесност и да ги почитуваат мерките. – апелираше Филипче.

Инаку, на денешната седница на Собранието на дневен ред треба да се најдат измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, кој предвидува поригорозни мерки за спречување на ширењето на пандемијата.

Г.М.