Со концерт на Масимо Савиќ и музика на познати диџеи, утре, охриѓани и бројните гости ќе се забавуваат во рамки на „Белата ноќ“, манифестација која симболично го означува почетокот на туристиката сезона исполнета со бројни музички настани и фестивали, што ќе се случуваат во Охрид ова лето

Програмата ќе започне во 18:00 часот, на кружниот тек пред градското пристаниште со Исмаил Луманоски и неговиот бенд, па после него следува Влатко Лозаноски, како дел од генералната прослава за добивањето покана за влез во Нато што е во организација на Владата на РМ. Музичкиот дел од манифестацијата Бела Ноќ, започнува во 19ч30минути на улица „Коста Абраш“, пред градското пристаниште, а сцената ќе биде на брод во самото пристаниште и ќе почне со настап на локалните дџ-и, по што во 21:00 часот симболично ќе биде означен почетокот на летната туристичка сезона. Потоа следува уште еден блок музика, по што околу 21:30 часот ќе започне концертот на Масимо Савиќ, кој ќе биде пренесуван директно на видео бим на бината  кај кружниот тек. Веднаш по концертот на Масимо, забавата ќе продолжи на кејот со Дџ сет на Dj Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на Dj Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар – DJ Tomcraft. За afterparty забавата ќе се погрижи Dj Regie Rules.

  • Она што ќе биде исклучително интересно е и самата поставеност на бината, која ќе биде во водите на езерото (на брод), како и целокупната сценска декорација на самата локација. Основната идеја е градот да живее во еден здив, да се отворени сите објекти, за што задолжително ќе понудат и соодветни цени и програма. Она на што би сакале во оваа прилика да апелираме е на разбирање на граѓаните на Охрид, особено на оние кои живеат во стариот дел на градот. Станува збор за една вечер и би сакале да направиме вистински спектакл, каков што градот навистина заслужува. Охрид е туристички град и би сакале најискрено сите да помогнат, барем и со разбирање, со насмевка и подадена рака да оставиме впечаток на добри домаќини, на град кој максимално го заслужува името, рече на денешната прес конференција градоначалникот Јован Стојаноски.

По утрешниот концерт на Масимо Савиќ и настапите на светски познати диџеи кои се дел од „Белата ноќ“, претстојат настапи и на други познати музички ѕвезди од земјава и светот.

На 25 јули на Античкиот театар ќе настапи Zucchero. Ден потоа на сцената на Долни сарај е настапот на НУМБ. На 27 јули на стадионот „Билјанини извори“ концерт ќе има Северина, а наредниот ден е закажан концертот на Цеца. На 1 август на стадионот „Билјанини извори“ ќе настапат  Димитри Вегас и Лајк Мајк, а наредниот ден Роџер Санџез и Јакс Јоунс.

На 13. Август на плажа „Оревче“ е настапот на Hernan Cattaneo и Nick Warren.

Како што истакна Бобан Милошоски од „Авалон продукција“, од особено значење за доаѓање на голем број гости во Охрид е манифестацијата „Охрид колинг“, што постепено  станува вистински бренд на градот.

  • Од аспект на мојата работа тврдам дека тие три дена и таа недела  можат да се споредат само со она што се случува на Инвент фестивал во Балатон – Унгарија и на ниедно друго место во Европа. Такви имиња како Димитри Вегас, Лајк Мајк и Армин Ван Бјурен да донесеш тука, во Охрид е исто како   да организираш  натпревар на „Реал Мадрид“ и „Барселона“. Се работи за премиум диџеи кои што се апсолутно најголеми ѕвезди. Можеби бучавоста во тие три дена ќе им пречи на  поединци но има интерес од луѓе кои за настапите сакаат дојдат во Охрид дури од Јапонија. Градот мора да сфати дека ако сака нешто да добие мора и да изгуби, охриѓани мора да имаат толеранција за таа гужва што ќе се случува во тие три дена . Мора сите да го дадеме најдоброто од себе за да годинава градот во сите сегменти отиде една класа погоре од сето она што досега се работело- изјави Милошоски.

Покрај споменатите концерти, на 3. август на стадионот „Билјанини извори„ концерт ќе има Марија Шерифовиќ , а  Dj Deborah Luca ќе настапи на  плажа Градиште. На 4. Август на стадионот „Билјанини извори“ ќе биде настапот на Армин Ван Бјурен. Каролина Гочева, Владо Јанески,  групата „Синтезис“, Влатко Стефаноски и уште многу други ќе бидат дел од изведувачите кои ќе настапат ова лето во Охрид.

OhridNews