Автомобилот е најчесто превозно средство кое се користи во нашата земја, а бројот на возила на патиштата од година во година расте. Минатата година на патиштата низ нашата земја имало 483 илјади автомобили или по 263 на 1 000 жители, што е раст од 80 проценти за десет години, од 146 возила на 1 000 жители во 2012 година.
Најголем дел од автомобилите што се возат се дизел, над 80 отсто се постари од 10 години, а просечната старост изнесува 19,5 години. Ако пред десетина години повеќе се возеле бензински, од 2012 година досега бројот на дизел возила на патиштата е зголемен за 200 проценти. Овој тренд само продолжува, па од над 115 илјади увезени возила во последните три години, две третини се половни дизел автомобили.
Се зголемува и бројот на увезени хибридни и електрични возила, но нивниот удел на патиштата е речиси незначителен. Минатата година биле регистрирани 190 електрични возила.
Бројот на возила се зголемува, но повеќе се увезуваат половни од нови
Според Пописот од 2021 година вкупното резидентно население во земјава е 1 836 713 луѓе, додека бројот на регистрирани патнички возила е 477 820 или 260 на илјада жители.
И додека бројот на возила на патиштата се зголемува, паралелно расте и просечната старост на возилата, па така на патиштата низ земјава лани во просек се возеле по 19.5 години стари автомобили, од кои над 88 проценти биле постари од десет години.
За десет години просечната старост се зголемила за околу 2,5 години, од 16,8 во 2012 година, на 19,5 во 2022 година. Истовремено, променета е и структурата, па наместо бензински, сега повеќе се возат дизел автомобили.
Во 2012 година околу 200 илјади возила или над две третини од вкупниот број автомобили биле на бензин, а околу 92 илјади биле дизел возила. За споредба, бројот на автомобили со бензиски погон за десет години останува речиси ист и во 2022 година има 192 илјади, но нивниот удел во вкупниот број на возила на патиштата е намален на 40 отсто, додека бројот на дизел возила е зголемен за 200 проценти, односно на 280 илјади автомобили.
Од вкупно 483 477 патнички автомобили на патиштата лани, над половина или 58 проценти биле на дизел, 40 отсто на бензин, а само 2 проценти користеле ЛПГ. На електричен погон имало 190 возила.
Според податоците од Царинската управа од 2020 година досега се увезени над 115 илјади возила, од кои само 18 проценти или нешто над 21 илјада биле нови, а останатите половни.
Најголем дел од нив или две третини се половни дизел возила, додека најмногу нови возила се увезувале со бензински погон – над 15 илјади или околу 13 проценти од вкупниот број на увезени возила.
Секој трет до работа најчесто оди со автомобил
Според податоците од Пописот 2021 година, автомобилот е најчесто превозно средство кое се користи во нашата земја. Над 35 проценти од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе до работа или училиште користи автомобил. Пеш оди секој петти, додека градски автобус користат седум проценти, 2,6 проценти меѓуградски автобус, а велосипед само 2,3 проценти.
Со воз до работа или училиште патуваат само 0,06 проценти или вкупно 341 лице. Над осум проценти до работа или школо користат организиран превоз и исто толку, рекле дека користат повеќе од едно превозно средство.
Над 10 илјади граѓани или 1,65 проценти рекле дека не патуваат до работа или училиште.
Мажите најчесто до работа или училиште возат автомобил, и тоа над 40 проценти, потоа околу 17 проценти рекле дека одат пеш, а со градски автобус само 4,4 проценти и 2,1 проценти со меѓуградски автобус. Велосипед користат 2,6 проценти, мотоцикл 0,77 проценти, а воз 0,08 проценти.
Жените најчесто до работа или училиште одат пеш, и тоа над 27 проценти, потоа околу 19 проценти возат автомобил, 10,8 проценти со градски автобус и 3,34 проценти со меѓуградски автобус. Велосипед користат 1,86 проценти, мотоцикл 0,15 проценти, а воз 0,03 проценти.
Ова го покажуваат податоците за вкупното работоспособно население на возраст од над 15 години според пол и видот на превозното средство кое најчесто го користи до работа или школо, објавен со третиот сет податоци од Пописот 2021 година.
OhridNews