Премиерката на Србија Ана Брнабиќ ќе ја предводи српската делегација на Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан што ќе се одржи утре во Берлин, соопшти денеска Владата на Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ ќе одржи презентации на три работни сесии на тема „Регионална соработка и регионален заеднички пазар“; „Безбедност во снабдувањето со енергија и трансформација“; како „Иднината на Берлинскиот процес“.
Предвидено е потпишување на три регионални договори за мобилност, се наведува во владиното соопштение.
На маргините на самитот, премиерката на Србија ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џејмс Клеверли.
Предвидена е и нејзина средба со претставници на Младинскиот форум и Форумот за граѓанско општество, како и со германски бизнисмени организирани во организација на Комитетот за исток на германската економија и Собранието на германските стопански комори.
Самитот на Берлинскиот процес ќе го отвори германскиот канцелар Олаф Шолц, а ќе учествува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Берлинскиот процес е иницијатива која ја поддржува регионалната соработка на Западен Балкан и ја надополнува политиката за проширување на Европската унија. Покренат е од Германија на Самитот во Берлин во 2014 година.
OhridNews