Британскиот сој на коронавирусот е детектиран уште кај двајца пациенти во земјава. Пациентот што починал имал коморбидитет, а другиот пациент од 26 јануари се води како оздравен, соопштија од Министерството за здравство.

Како што објавија дел од медиумите, починатиот е 46-годишен маж од Охрид, кој имал претходни хронични заболувања. Позитивен тест на КОВИД-19 добил на 4 јануари, а починал на 8 јануари 2021 година.

Досега кај тројца пациенти во земјава е детектиран британскиот сој на коронавирусот. Надлежните здравствени власти на 27 јануари 2021 година објавија за првиот пациент заразен со британскиот сој на коронавирусот во земјава, кој веќе е оздравен. Вирусот беше детектиран во приватната лабораторија на клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, при анализа на примероци од јануари.

Од Министерството за здравство информираат дека вирусот СарсКов2 предизвикува компликации најчесто кај пациенти кои имаат и други заболувања. Досега не е докажано дека британскиот сој на вирусот има поголема смртност од досегашните мутации на вирусот.

Изминатото деноноќие регистрирани се 325 нови случаи на Ковид 19 од направени 2.589 тестирања. Починати се седум лица, а оздравени се 479 пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Од новите случаи на КОВИД-19, најмногу има во Скопје – 151, Тетово – 27,  Кавадарци – 17,  Охрид – 16,  Велес – 14, Куманово – 13, Делчево – 11,  Битола – 9, Струга – 9…

Од вкупно 479 оздравени пациенти, во Скопје се 358, Охрид – 46, Струга – 13.

Починати се седум лица, од кои двајца пациенти од Скопје (89 и 79г), двајца од Охрид (80 и 89г) и по еден од Гостивар (62г), Струга (85г) и Пробиштип (70г). Сите седум пациенти се починати во болнички услови.

Во моментов во Охрид има 367 актибни случаи, а во Струга 156.

OhridNews